Котевски: Ракометарите се најзаслужни за успехот на Бутел

Бутел е најпријатното изненадување во ракометниот шампионат на Македонија, остварувајќи фантастичен успех со пласманот на четвртото место кој значи и учество во европските купови следната натпреварувачка сезона. Амбициозниот скопски клуб сезонава дебитираше во елитното друштво на мак-ракометот и веднаш остави силен белег, стигнувајќи до извонреден пласман како мотив за уште подобри резултати во иднина. Тренерот на тимот од скопската населба, Игор Котевски вели дека со многу работа и одлична атмосфера во екипата, резултатот ќе дојде сам по себе.

„Извлековме максимум сезонава. Прва цел ни беше опстанок. Тоа го исполнивме. Влеговме во Супер-лигата и нашите очекувања почнаа да растат. Покажавме дека со посветеност и многу работа резултатите ќе дојдат сами по себе. Честитки до момците кои што се најзаслужни за успехот. Добрата атмосфера во екипата беше клучна за освојувањето на четвртото место на првенствената табела“, вели Котевски. 

Следната сезона Бутел го очекуваат натпревари во Европа, а Котевски вели дека е рано да се зборува за следната сезона и трансферните цели на клубот.

„Бевме преокупирани со мечот против Металург. Се уште не сме седнале со раководството на клубот да разговараме за следната сезона. Не сакаме да се залетуваме уште сега со очекувања. Ако ме прашувате лично, ќе бидам задоволен ако успееме догодина да го повториме успехот. За трансфери рано е да се зборува. Ќе седнеме следната недела со раководството и ќе разговараме на тема како да се засилиме. На крај сакам да кажам дека Бутел има супер раководство и супер ракометари и тоа е клучот за нашиот успех“, заврши Котевски.  

На првенствената табела Бутел има шест бода во плејофот, но и подобар меѓусебен скор од Пелистер и од Тинекс Пролет, со што тимот на Игор Котевски на едно коло до крајот на сезоната е сигурен на четвртото место на табелата, зад Вардар, Работник и зад Металург.

Се вчитува...