Ковач: Левандовски останува, а за Ребиќ нема место во овој Баерн

Стратегот на Баерн Минхен, Нико Ковач, не го крие задоволството што најдобирот стрелец на овој тим, Роберт Левандовски, и во новата сезона ќе го носи дресот на баварскиот гигант. Полјакот влезе во конфликт со управата и дел од соиграчите во финишот од ланската сезона, летово бараше да му биде дозволено да си замине – но ставот на клубот и на новиот тренер Ковач беше дециден – Левандовски има договор со Баерн и нема да биде продаден.

„Точно е дека јас и Роберт имавме долг разговор минатата седмица. Резултатот е одличен за сите во клубот, Левандовски прифати дека најдобро за сите е тој да остане, така што оваа приказна е завршена. Го имаме овој одличен голгетер за наш предводник и во новата сезона“ – изјави Ковач.

Хрватот успеа да го извлече максимумот од Анте Ребиќ како тренер на Ајнтрахт, но Ковач јасно стави до знаење дека нема да го ангажира крилниот офанзивец во овој преоден рок.

„Анте е одличен фудбалер кој многу напредуваше во последните две години во Франкфурт, како и на СП во Русија. Сепак, ако ја погледнете нашата екипа јасно е дека имаме голем број врвни играчи на неговата позиција, затоа нема поента да го носиме Ребиќ“ – истакна шефот на стручниот штаб на Баерн.

 

Се вчитува...