Крај на блескавата играчка кариера: ИВАН ТРИЧКОВСКИ во иднина генерален директор на АЕЛ Лимасол!

Едно од најславните имиња во современата македонска фудбалска ера, Иван Тричковски и официјално стави крај на својата професионална играчка кариера. Со последните натпревари за АЕЛ Лимасол низ актуелната сезона на Кипар, Тричковски одлучи на 38 години да стави точка на блескавата кариера која ја остава зад себе.

Откако, по настапот на Европското првенство во 2021 година се повлече од настапите за македонската репрезентација сега Иван Тричковски завршува и со клупската кариера. Но, веќе е јасно дека останува во фудбалот сега како генерален директор на АЕЛ Лимасол, понуда која дефинитивно не можеше да ја одбие.

„Крај на кариерата на еден голем играч и човек. Среќен и горд сум што бев дел од менаџментот на фудбалска кариера на Иван Тричковски, на кого му посакувам многу успех во иднина како Генерален директор на АЕЛ Лимасол“ – објави најпознатото македонско менаџерско име Никола Ѓошевски, кој долги години ја водеше кариерата и на Иван Тричковски.

Иван Тричковски – еден од најдобрите мак-репрезентативци во историјата, и најдобар стрелец во историјата на АЕК Ларнака

Карактер, личност, квалитет, професионалност – икона. Иван Тричковски, без сомнение, едно од најславните македонски имиња во 21. век.

Уште како младо момче покажува потенцијал за расен стрелец, настапувајќи во младинскиот тим на Вардар. Брзо доаѓа до првиот тим на „црвено-црните“ дебитирајќи за Вардар на само 17 години. По две години се сели во Работнички, по што почнува интернационална кариера, потпишувајќи за белградска Црвена Звезда.

По две сезони со „црвено-белите“, од 2010 година ги доживува најблескавите мигови во својата клупска кариера. Игра за кипарски АПОЕЛ, и во првата сезона ја освојува шампионската титула. Со АПОЕЛ доаѓа и до четвртфиналето во Лигата на шампионите, каде ќе загуби од Реал Мадрид во сезоната 2011/12. Во истата сезона во ЛШ беше стрелец на гол против Шахтјор Доњецк на гостински терен. Одличните настапи во АПОЕЛ, му носат трансфер во белгискиот гигант Бриж, каде игра од 2012 до 2014 година, со една година позајмен на Беверен.

Во 2014/2015 на повик на тогашниот тренер Иван Јовановиќ, кој му беше предводник и во АПОЕЛ, игра за Ал-Наср, еден од најдобрите клубови во Саудиска Арабија. Во 2015/2016 потпиша за Легија Варшава, освојувајќи ја шампионската титула во Полска.

Од 2016 година се враќа на Кипар и потпишува за АЕК Ларнака, каде останува осум сезони. Го освојува Купот на Кипар во сезоната 2010/11, а ќе биде дел и од Европа.

Станува најдобар стрелец на сите времиња за АЕК, постигнувајќи 138 голови на 278 натпревари. Во сезоната 2019/20 и во 2021/22 ќе биде прогласен и за најдобар стрелец во кипарскиот шампионат. На почетокот на сезоната 2024/25 потпишува за АЕЛ Лимасол.

Иван Тричковски ги мина сите младински селекции на Македонија, а од 2010 до 2021 година за сениорскиот национален тим одигра 67 меча, и постигна седум голови. Дебитираше против Азербејџан на 29. мај 2010 година, кога постигна и гола, а последниот меч за Македонија му беше на Европското првенство во 2021 против Холандија во Амстердам.

ИВАН ТРИЧКОВСКИ (1987)

КАРИЕРА: Вардар (2004-2006), Работнички (2006-2007), Црвена Звезда (2007-2010), Енозис (позајмица, 2009-2010), АПОЕЛ (2010-2012), Бриж (2012-2014), Беверен (позајмица, 2013-2014), Ал Наср (2014-2015), Легија Варшава (2015-2016), АЕК Ларнака (2016-2024), АЕЛ Лимасол (2024 – 2025 )

УСПЕСИ: Шампион со Работнички во сезоната 2007/08; Освојувач на Куп на Македонија со Вардар во сезоната 2006/07, и со Работнички во сезоната 2007/08; Шампион на Кипар со АПОЕЛ во сезоната 2010/11; Освојувач на двојна круна во Полска со Легија Варшава во сезоната 2015/16;

Се вчитува...