Крај на приказната – Барса го отпушти Роналд Куман

Роналд Куман повеќе не е тренер на Барселона откако каталонскиот гигант реши да му врачи отказ по последната серија слаби игри и поразите од Реал Мадрид и од Рајо Валјекано. Како пресуден се покажа вечерашниот пораз од Рајо, во кој значајна улога имаше македонскиот голман Столе Димитриевски со одбранетиот пенал на Мемфис Депај.

Холанѓанецот на прес-конференција по мечот изјави дека не знае дали ќе остане на клупата и за наредните натпревари, а управата на клубот по двочасовна дискусија донесе одлука на Куман да му биде врачен отказ.

Каталонските весници „Ел Мундо Депортиво“ и „Спорт“ први ја објавија информацијата повикувајќи се на извори од највисокото раководство на Барса. Иако дел од директорите биле подготвени да му дадат уште една шанса на Холанѓанецот, на крајот мнозинството одлучило дека Куман имал и повеќе од доволно можности да го врати тимот на победнички патеки, но не успеал во тоа.

Веќе од утре наутро ќе почне потрагата по нов тренер на Барселона, а како најсериозни кандидати се очекува повторно да бидат Чави, Роберто Мартинез и Тен Хаг.

Се вчитува...