Кристијано Роналдо – играч на годината во Европа

Кристијано Роналдо е најдобар фудбалер во Европа за ланската сезона, откако Португалецот доби најмногу гласови од тренерите на ланските учесници во ЛШ, како и од новинарите кои учествуваа во ова гласање. Покрај Кристијано во финалната трка за оваа награда беа Лионел Меси и Џанлуиџи Буфон, но во годината на доминација на Реал Мадрид јасно е зошто оваа награда заврши во рацете на главниот играч на „кралевите“.

Асот на Реал Мадрид постигна 12 погодоци (имаше и шест асистенции) и беше најдобар стрелец во елитното европско натпреварување, особено блесна во нокаут фазата против Баерн, Атлетико Мадрид и во финалето против Јувентус, па сосема заслужено го доби и признанието за најдобар напаѓач, како и она за најдобар фудбалер, главен „оскар“ на денешната гала-свеченост во Монако.

Лука Модриќ ја доби наградата за најдобар играч за врска во Европа, како комплетирање на доминацијата на Реал откако претходно Серхио Рамос беше избран за најдобар дефанзивец.

Наградата за најдобра фудбалерка ја освои Нике Мартенс, холандската репрезентативка која ја освои шампионската титула на последното Европско Првенство, а во новата сезона ќе настапува крај нашата Наташа Андонова во дресот на Барселона.

Се вчитува...