Криза во Србија: Дали Пешиќ ќе се „покае“ и ќе го врати Теодосиќ во репрезентацијата?

Светислав Пешиќ утре ќе го објави списокот на српската кошаркарска репрезентација за СП 2023, но кормиларот на нашиот северен сосед се наоѓа во сериозни проблеми по серијата откажувања буквално во „пет до дванаесет“. Денеска беше објавено дека Никола Јокиќ нема да може да настапи на претстојниот мундијал, но уште поголем удар за Пешиќ се серијата откажувања на плејмејкерската позиција.

Василије Мициќ потпиша за Оклахома Сити и ќе го следи трендот на европските играчи кои порано заминуваат во САД пред својата дебитантска сезона во НБА-лигата, за адаптација во новата средина. Стефан Јовиќ, кој беше стандарден во националниот тим со години наназад, поради семејни причини нема да може да настапи летово, додека Огњен Јарамез се уште не е подготвен по серијата повреди што ги имаше минатата сезона.

Во една таква ситуација, Пешиќ на располагање како плејмејкер го има само Алекса Аврамовиќ од Партизан, заедно со Недовиќ и со Гудуриќ, кои многу подобро се снаоѓаат на позицијата „два“ отколку како класични „единици“. Јасно е дека ситуацијата е кризна, па затоа дел од медиумите веќе побараа од Пешиќ добро да размисли и на утрешниот список да го вклучи и Милош Теодосиќ. Искусниот плејмејкер секогаш играч за Србија, а целата држава беше во шок минатото лето, кога Пешиќ реши да се откаже од неговата помош пред Европското Првенство.

Како што пишуваат српските медиуми, во ситуација кога нема класичен плејмејкер од највисока класа, Пешиќ треба добро да размисли и да ги искористи искуството и кошаркарските квалитетите на овој одличен играч, кој во Евролигата имаше просек од 10,3 поени и шест асистенции по натпревар.

Пораката до селекторот е испратена, факт е дека Тео ќе биде добредојден за својата национална селекција, но прашање е дали Пешиќ ќе го надмине сопственото его за да го повика најдобриот плејмејкер што Србија го има на располагање за летово…

Се вчитува...