Крстевски: Со максимална ангажираност и борбеност можеме до посакуваната цел

Македонската кошаркарска репрезентација по неуспешните квалификации за Европското првенство, денеска од 19 часот против Швајцарија со СЦ „Јане Сандански“ ги започнува претквалификациите за Светското првенство 2023 година.

„Црвено-жолитите“ од мечевите одиграни на „балонот“ во Русија претрпеа сериозни промени во составот како на селекторското место така и во играчкиот кадар, но оној кој остана константен е Бојан Крстевски кој впрочем беше и дел од тимот кој настапи против Швајцарија во претквалификациите во 2017 година.

Крилниот центар вели дека само со максимална ангажираност и борбеност, Македонија може да избори пласман во следната фаза.

„Одработивме одлични четири недели во кои одигравме и два контролни натпревара, против Црна Гора. Пред нас е напорен турнир со четири меча за шест дена, но за сите важат истите правила и ќе одиме од натпревар во натпревар. Прв противник ни е Швајцарија за која имаме информации дека е квалитетна и незгодна селекција. И покрај тоа, фокусот е на нас и нашата игра. Мислам дека само со максимална ангажираност и борбеност можеме да стигнеме до посакуваната цел“, изјави репрезентативецот.

Се вчитува...