Кудијан: Брегалница е максимално посветена на реализацијата на крајната цел сезонава

Со убедлива игра Брегалница дојде до посакувана победа од 3-0 против Кожуф во дербито на 12. коло од Втората лига – Исток. А творец на победата беше Андреј Кудијан кој запиша два погодоци уште во првото полувреме, по која Брегалница ја задржа предноста пред Тиквеш на врвот од табелата.

„На секој натпревар во секое коло сезонава го даваме максимумот. Знаевме дека Кожуф е повеќе од цврста екипа, незгодна за секој противник, па затоа максимално сериозно влеговме во натпреварот и на крајот успеавме да дојдеме до посакуваните три бода“ – вели Кудијан за официјалната интернет страница на клубот.

„Сините“ веќе во среда (25. ноември) ги очекува нов натпревар во првенството, гостувањето против Осогово во Кочани.

„Во среда како и на секој друг натпревар, со ладни глави одиме и на гостувањето во Кочани кое е сигурно едно од најтешките во оваа лига. Екипата е секогаш мотивирана, но и посветена на крајната цел сезонава. На секој натпревар одиме на победа за нас и клубот, но секако и за навивачите кои се постојано со нас, бодрејќи не и надвор од стадионот во овие специфични времиња“ – истакнува Кудијан.

Се вчитува...