Куманово со пресврт до победа над Пролет

Ракометарите на Куманово стигнаа до значајни суперлигашки бодови откако денеска на домашен терен триумфираа над екипата на Пролет со резултат 23-21. По слабото прво полувреме во кое беа во резултатска негатива, кумановци блеснаа во вториот дел, направија целосен пресврт и стигнаа до голема победа.

Првото полувреме мина во израмнета игра, кумановци последен пат водеа со 4-3, по што Пролет постигна три гола во низа, стигна до 4-6 и го контролираше резултатот до самиот крај на полувремето, на одмор заминувајќи со 10-12. Одличен во овој период од натпреварот беше гостинското крило Давор Палевски со седум постигнати погодоци.

Второто полувреме донесе сосема поинаква слика, гостите седум минути не постигнаа гол, а Куманово го искористи тоа за набрзина да го сврти резултатот во своја полза (15-12). Пролет се консолидираше по тајмаутот на Матлиески, стигна до израмнети 16-16, но потоа следеше нова серија на домашниот тим кој успеа уште еднаш да се одлепи, овојпат благодарение на голманот Трајковски и да ја задржи предноста до самиот крај и конечните 23-21.

Димевски со шест гола ги предводеше стрелците на победничкиот тим на овој дуел, додека најефикасен на натпреварот беше Палевски од Пролет со девет постигнати погодоци.

Се вчитува...