Дополнително се разгоруваат страстите во мадридската фудбалска јавност по синоќешното драматично осминафинале во ЛШ во кое Реал на пенали го совлада Атлетико Мадрид, а во пенал-рулетот како клучен се покажа ударот на Алварез, кој го совлада Куртоа, но тој гол беше поништен бидејќи голгетерот на Атлетико два пати ја удри топката на патот кон голот.
Голманот на Реал, Тибо Куртоа, се осврна на тој спорен момент тврдејќи дека веднаш видел дека ударот на Аргентинецот не бил регуларен.
„Во моментот кога шутна, веднаш ми стана чудно и помислив дека два пати играл со топката. Му реков на главниот судија, потоа и на помошникот, ми рекоа дека ВАР го разгледува случајот. На крајот, одлуката беше согласно фудбалските правила“, изјави Куртоа.
Белгиецот се осврна и на поплаките од тренерот на домаќините, Диего Симеоне, кој гласно протестираше за овој според момент на прес-конференцијата веднаш по натпреварот.
„Искрено, веќе сум изморен од тоа да гледам како едни исти луѓе цело време глумат жртви и плачат за вакви работи. Судиите не се наклонети никому, ниту во Европа ниту пак во Шпанија. Тие се саамо луѓе можат да згрешат во одредена ситуација, но овојпат можеше да се разгледа спорниот момент во ВАР собата, да се видат бројни агли и да се донесе вистинската одлука. Во Атлетико треба самите да си ја бараат вината, кога веќе поведоа со 1-0 во првата минута, зошто да не се обидат да дадат и втор гол туку сето останато време го минаа бранејќи се“, порача Тибо Куртоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА