Кушан: Рајн Некар Левен е најквалитетна екипа во цело натпреварување

Битолски Пелистер вечерва ќе му гостува на Рајн Некар Левен во натпревар од 4. коло во Лигата на Европа. Пикерот на „зелено-белите“ Томислав Кушан пред мечот вели дека мечот против Левен е најтешкото гостување во групата, но сепак тој и соиграчите ќе го дадат својот максимум.

„Мислам дека двата натпревари игравме добро. На првиот натпревар немавме среќа и загубивме на второто најтешко гостување во групата. Против Кадетен Шафхаузен исто така бевме добри, посебно во првиот дел, но немавме сили да го извлечеме целиот натпревар. Тој карантин, кој сите го прележавме, скапо нè чинеше. Натпреварот против Рајн Некар Левен сигурно е најтешко гостување. Се работи за најквалитетна екипа во натпреварувањето. Но, ќе играме на победа и ќе дадеме максимум, па што сака нека биде. Најголем квалитет им е полуконтра и контра, играат брз ракомет. Често комбинираат со пивотменот, нивниот среден бек е еден од најдобрите во светот, Енди Шмит. Тоа се нивните најсилни страни, кои ќе се обидеме да ги затвориме“, вели Кушан. 

Натпреварот меѓу Рајн Некар Левен и Пелистер е закажан за вечерва во 20:45 часот.

Се вчитува...