Љафтов: Нека биде полна сала, да се радуваме заедно на крајот

Александар Љафтов не го криеше воодушевувањето од бодрењето од трибините за македонските одбојкари на премиерниот дуел против Данска, на кој „црвено-жолтите“ стигнаа до нова победа.

Денеска пред македонските репрезентативци е нов предизвик, дуел со Црна Гора (20 часот, СЦ „Борис Трајковски“) на кој повторно ќе биде неопходна поддршка од трибините.

„Црногорците се нешто поискусни ако ги споредуваме со данските одбојкари, но се ќе зависи од нашата игра. Реков и веднаш по мечот со Данска дека тоа не беше нашето најквалитетно издание, ајде денеска со Црна Гора да одиграме барем малку подобро отколку на првиот меч, верувам дека тоа ќе ни биде доволно за да стигнеме до победата. Атмосферата на првиот дуел беше феноменална, јас би бил задоволен и доколку се направи исти таков спектакл на трибините, но зошто да не и салата да се наполни, сепак Македонија игра Европско првенство. Можеби луѓето гледале на ТВ и ја препознале нашата желба за победа, за достојно претставување на државата, ги поканувам да дојдат и да ги наполнат трибините до последно место. Против Данците реши нашето срце, начинот на кој ја оставивме душата на теренот, пак ќе го повториме тоа, верувам дека на крајот повторно ќе се радуваме заедно“, вели Љафтов во пресрет на денешниот натпревар.

Се вчитува...