Љафтов: Ни падна камен од срце, ова ми е круна на кариерата

Македонија ја оствари зацртаната цел, забележа победи на првите две средби против Данска и Црна Гора и си го трасираше патот кон осминафиналето од ЕП во одбојка во кое една од групите се одржува токму во Скопје.

Одлична беше атмосферата и на синоќешниот дуел во Скопје, а одбојкарите им се оддолжија на навивачите на идеален начин, со перфектно издание на теренот стигнувајќи со победа од 3-0.

„Притисокот беше врз нас, но одлично го издржавме. Одигравме одличен меч, го контролиравме резултатот, доминиравме на теренот и заслужено се најдовме меѓу најдобрите 16 селекции во светот. Ова осминафинале дефинитивно ми е круна на кариерата во репрезентацијата, не само на мене, туку и на сите овие момци со кои минавме толку долго време во напорна работа. Само ние си знаеме како стигнавме до овој успех, но сакам да им се заблагодарам на сите, на луѓето од федерацијата, и на навивачите, прв пат играв пред толку многу навивачи“, изјави Александар Љафтов, кој повторно беше меѓу најзабележителните во нашиот табор.

Време за одмор нема, нашите одбојкари вечерва се среќаваат со репрезентацијата на Полска, која е апсолутен фаворит за првото место во групата, но и меѓу главните кандидати за златен медал на овој европски шампионат.

„Сега на ред е Полска. Нашата работа си ја завршивме и сега можеме без оној притисок да се насочиме кон следните натпревари. Ни падна камен од срце и можеме да излеземе на терен без притисок. Јасно е дека Полска е фаворит, тоа е меч на кој немаме што да загубиме, треба да излеземе на терен и да одиграме за наше реноме“, порачува Љафтов.

Се вчитува...