Љафтов пред мечот со Украина во Европската златна лига: „Со нов селектор мотивирани кон триумф…“

Македонската одбојкарска репрезентација во сабота против Украина го почнува својот пат во годинашната Европска златна лига. Дуелот против Украинците Македонија ќе го игра во Полска верувајќи дека може да дојде до позитивен резултат како најава за се што ги очекува одбојкарите ова лето.

Само првопласираните репрезентации од трите групи од Европската златна лига ќе се најдат на завршниот турнир во Задар на 24. и 25. јуни. Во групата во која е и Македонија постои можност и за второпласираниот да се најде на завршниот турнир, но само под услов Хрватска да биде на врвот на табелата по шесте кола.

Потсетување дека нашата селекција ја очекува и Европско првенство годинава, а своите очекувања од претстојното лето ги споделува и репрезентативецот Александар Љафтов.

„Почниваме со Европската златна лига. Во сабота не очекува првиот меч против Украина кој ќе го играме во Полска. Минавме одлични подготовки во Маврово, како и сега во вториот дел во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Сега се финализираат подготовките. Сите сме повеќе од доволно мотивирани, со желба за победа и покрај тоа што Украина е силен противник“ – вели репрезентативецот Александар Љафтов.

А, нашата селекција ја очекува и настапот на Европското првенство при крајот на летото…

„Работите одат многу добро сега и со нов селектор. Се подготвуваме во најдобри услови, со најдобра дисциплина, со многу желба на тренинг, верувам и убеден сум дека ќе направиме добри резултати. Не можеме да гарантираме ништо, како Фајнал-фор или финале во Европската златна лига, но важно е да бидеме добри, здрави и да ја играме нашата игра и мислам дека се ќе си дојде како што треба“ – дополнува Љафтов.

Се вчитува...