Љафтов: Сервисот е главна одлика на Данците, многу ризикуваат…

Александар Љафтов ќе биде еден од главните адути на македонската репрезентација и на овој европски шампионат. Одличниот одбојкар делува максимално мотивирано за добри партии и исполнување на големата желба – пласман на Македонија во втората фаза од едно ЕП.

„Мислам дека е реално да се надеваме на пласманот во таа втора фаза. Групата е силна, но она што ние го имаме зацртано – првите два ривали Данска и Црна Гора се селекции што можеме и мораме да ги победиме за да си ја исполниме големата желба. Ако ги оствариме тие две победи, тоа ќе значи широко отворање на вратите кон осминафиналето“, вели Љафтов за ЕКИПА.

Данска знае да биде незгоден противник, но Љафтов верува дека „црвено-жолтите“ овојпат ќе бидат максимално подготвени за сервисот, кој е главно оружје на оваа скандинавска селекција.

„Добро ги познаваме Данците, имаме играно против нив во Сребрената лига. Можам да кажам дека се екипа многу слична на нас, ги краси силен сервис со кој одат на ризик. Знаат да влезат во серија грешки, но ако тргнат со добри сервиси знаат да направат сериозни проблеми, како што тоа беше случај во она финале на Сребрената лига во Струмица. Тука сме, многу сме слични со стилот на игра, но ние сме поискусни од тој меч во Струмица, летово имавме и силни средби од Златната лига, така што верувам дека сме подготвени за предизвикот и ќе успееме да славиме на овој натпревар“, истакнува Александар Љафтов.

Се вчитува...