Центарот на МЗТ Скопје, Јуре Лалиќ ќе ја игра втората сезона во дресот на макеоднскиот шампион. Хрватот смета дека засега не може да направи споредба на ланскиот состав, со новоформираната екипа за оваа сезона, но вели дека амбициите ќе ги остварат само доколку постои колективност меѓу соиграчите.
„Тука сум веќе втора сезона, точно е дека скоро целиот состав се смени, па засега не можам да споредам дали сме појаки или послаби од лани. Минатата година бевме добра екипа, која се сведуваше на индивидуален квалитет, а на теренот не изгледавме така добро. Се надевам дека со новите момци ќе биде различно сценарио, се стремиме кон тоа да играме како колектив, во оваа сезона само на тој начин ќе ги оствариме целите. Со Партизан ја отвораме новата сезона, добро е што првиот меч го играме на домашен терен, а ќе биде одлично доколку издвоиме победа. Не ги започнав од почеток клупските подготовки ова лето, пристигнав пред дваесетина дена, но гледам дека соиграчите напорно работеле текот на целото лето, па сметам дека Партизан ќе го пречекаме подготвени. Важно е да се има позитивен почеток на сезоната, но и да се воведе свој ритам во воведниот дел од сезоната. Како ќе одминува времето очекувам да бидеме се подобри“, истакна Лалиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА