Лапорта бесен: Некој систематски ја ограбувал Барса, ова не е нормално…

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, денеска свика прес-конференција на која отворено говореше за проблемите со кои се соочил поради лошата работа на претходната управа на каталонскиот гигант.

Бесен на огромните долгови што останаа, Лапорта обвини на криминал и го повика обвинителството да покрене постапка против неговиот претходник Бартомеу.

„Откриени се крајно сомнителни работи. Пронајдени се огромни исплати без никаква причина. Знаевме дека ситуацијата е критична, но не верувавме во вакво нешто. Некој систематски ја ограбувал Барса, тоа е класичен криминал. Исплаќани се премии од по неколку милиони евра од клупската без посебно објаснување. Некој треба да одговара, ние веќе го известивме обвинителството и му ги предадовме сите докази. Барса за две години загубила 600 милиони евра, од кои само 135 милиони се поради коронавирусот“, изјави Лапорта.

На обраќањето на првиот човек на Барселона се надоврза и Хаиме Кампанер, член на управата кој е стручњак за економско право.

„Мораме да одиме на суд бидејќи истрагата што ја организиравме покажа криминал со милионски суми. На посредници им се исплаќани огромни пари без никаква причина. Откривавме провизии и до 33%, а нормално е да се плаќа до 5%. Адвокати добивале милионски суми, а ништо не работеле. Зборуваме за трансфер во кој еден адвокат добил седум милиони евра, вештачки измислени. Платени се дури 1,7 милиони евра за да се замолкнат луѓе што можеле да зборуваат за овој криминал. На еден клуб нелегално му се исплатени 15 милиони евра за право на откуп на млади играчи, кое никогаш не е искористено“, прокоментира Кампанер.

Се вчитува...