Борбата против коронавирусот трае низ целиот свет, а бројни компании веќe со месеци бараат вакција со која ќе биде ставен крај на пандемијата. Во меѓувреме, спортските клубови бираат сопствени методи што им ги препорачуваат на членовите на екипите во обид да се заштитат од болеста.
Меѓу најоригиналните сигурно е италијанскиот прволигаш Лацио, чии клупски лекари пред неколку дена дале нови препораки до фудбалерите.
„Различните опции покажаа дека старите техники помагаат да се одржи што подобар имунитет. Затоа фудбалерите добија совет да конзумираат лук, чоколада, како и мали дози на аспирин. Покрај тоа, сите играчи треба да внесуваат во организмот и одредени количини од витамините Ц и Д“, јавуваат италијанските медиуми.
Лацио и останатите италијански прволигаши ќе добијат зелено светло за да почнат со тренинзи од 4 мај, а сезоната во Серија А според последните најави ќе биде стартувана кон крајот на месец мај, најдоцна во првата седмица на јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА