„Лавовите“ го добија Кјелце, Талески гледаше од клупата

Рајн-Некар Левен излезе како победник од битката со Кјелце (30-29) во групата на Вардар од Лигата на шампионите, максимално користејќи ја отсуството на Циндриќ и на браќата Душебајеви од таборот на полскиот шампион. Во победничката екипа на теренот не се појави македонскиот репрезентативец Филип Талески, кој целиот натпревар го мина на клупата за резерви.

Пресудно беше првото полувреме, во кое Шмид и Менса Ларсен доминираа во нападот на германскиот вицепрвак, па „лавовите“ на одмор заминаа со удобни 18-14. Тимот на Талески го исконтролира резултатот буквално до последната минута, на петнаесетина секунди до крајот „лавовите“ имаа 30-28, кога Менса Ларсен направи две големи грешки. Кјелце успеа да намали на 30-29, потоа и да постигне гол за израмнување, но судиите од Данска го поништија истиот бидејќи времето веќе беше изминато.

Анди Шмид беше прва фигура на овој натпревар со осум гола, Колбахер постигна шест за победничкиот тим, додека прв стрелец на Кјелце при вечерашниот пораз беше Агинагалде со пет погодоци.

Се вчитува...