Македонија Ѓорче Петров го совлада Работнички со 2-0 во дебито на новиот тренер Наџи Шенсои, во премиерниот меч од 15.коло во Првата фудбалска лига. Ален Јашароски во 15.минута и Боби Божиновски во 70.минута беа стрелци за „лавовите“ на овој меч.
Работнички може да жали за пропуштените шанси во првото полувреме, ако беа фудбалерите на Марјанчо Андрески поконцентрирани во завршницата, секако епилогот за нив ќе беше многу подобар на денешниот дуел.
Во 15.минута, Јашароски го искористи невниманието на гостинските стопери и успеа да го совлада Дамјан Шишковски. „Романтичарите“ имаа неколку убави можности за израмнување, но не беа ефикасни, и Марковиќ, и Тошевски, и Херера, Шаркоски…
Во вториот дел, многу помалку шанси, но Боби Божиновски со одличен потег во 70.минута погоди во горниот лев агол од голот на противникот и го зголеми водството на 2-0.
Фазлиу во финишот имаше нова шанса за Работнички, но Марко Јовановски го одбрани неговиот удар.
Работнички останува на последното место со само 11 освоени бода, а Македонија ЃП во моментот е четвртопласирана со 21 бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА