„Лавовите“ со Шенсои на кормилото го пречекуваат Работнички

Репрезентативната пауза заврши, беше добредојдена и за Македонија ЃП и за Работнички кои се обидоа да ги консолидират своите тимови во пресрет на вториот дел од есенската полусезона. „Лавовите“ го променија тренерот, на местото на Александар Таневски дојде искусниот Наџи Шенсои, кој денеска ќе го има дебито за составот од Ѓорче Петров.

Работнички е во уште понезавидна позиција, на самото дно на табелата, а тренерот Марјанчо Андрески, кој исто така доби шанса во текот на првенството на местото на Александар Влахо, посакува токму од Ѓорче Петров да стартува позитивната низа на „романтичарите“.

„Паузата ја искористивме за да исправиме дел од грешките и подготвено го очекуваме продолжението од првенството. Се надеваме на многу подобри игри и резултати во следниот период. Посакуваме позитивната низа да стартува од денешниот натпревар во Ѓорче Петров. Но, нема да биде лесно, бидејќи Македонија ЃП е квалитетен состав и посебно добро игра пред сопствените гледачи“, вели тренерот Марјанчо Андрески.

Мечот меѓу Македонија ЃП и Работнички се игра денеска на стадионот во Ѓорче Петров, со почеток во 13 часот, а главен судија е Александар Грујоски од Кичево. Останатите мечеви се на програмата утре, а се среќаваат: Вардар – Шкупи, Академија Пандев – Струга Трим Лум, Шкендија – Ренова, Борец – Силекс.

 

Се вчитува...