Лазаров: Ако калкулираме со Шпанија ќе го нарушиме имиџот што го градиме со години

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

По една преспиена ноќ по поразот од Хрватска, македонските ракометари попладнево повторно пристигнаа во „Олимпија Хале“, за тренинг пред дводневната завршна програма во групата Б и дуелите со Шпанија и со Исланд. Математички гледано дури и во случај на триумф над Шпанија неопходно ќе биде да се совлада Исланд за пласман во втората рунда, но македонските ракометари не размисуваат за калкулации во пресрет на утрешниот натпревар.

„Имавме можност да го погледнеме мечот со Хрватска, имаше тука и многу добри работи, но и лоши ситуации пред се околу промашените шутеви. Подготвени сме за она што следи, можеби и малку изморени бидејќи ова е напорно натпреварување, но тоа е случај со сите репрезентации. Можам да кажам една работа, ние не размислуваме калкулантски бидејќи ако калкулираме и излеземе со бело знаме против Шпанија тоа ќе значи и нарушување на имиџот што успешно го градиме со години. Ќе излеземе на терен и ќе се обидеме да дојдеме до добар резултат, потоа во зависност како ќе се одвива мечот ќе видиме што ќе се случува“ – истакнува капитенот Кире Лазаров.

Македонскиот ас потсети дека нашата репрезентација се најде во иста ситуација и пред две години, на СП во Франција.

„И во Франција бевме во иста ситуација, ни требаше резултат на еден од последните две средби, а во рок од 17 часа игравме најпрвин со Шпанија, а потоа и со Исланд. Со Шпанците париравме одлично повеќе од 50 минути, потоа ремизиравме со Исланд и го осигуравме третото место на табелата. За жал, тоа реми скапо го плативме со повредите на Манасков и Миркуловски, па не можевме посериозно во осминафиналето да парираме на Норвешка. Тогаш работите е одвиваа во тој правец, но ќе повторам, ние нема да влеземе во бело знаме на мечот со Шпанија, туку ќе се обидеме да го изненадиме фаворитот“ – се потсетува Лазаров.

Тој уште еднаш потенцираше и колкаво е значењето на селекторот Раул Гонзалес за успесите на оваа репрезентација.

„Не можам да говорам нешто повеќе за тактиката бидејќи тоа сепак е работа на селекторот, а ние можеме да сме горди што го имаме Раул, еден од најдобрите стратези на денешницата. Тој ја прави подобра оваа репрезентација, фактот дека го имаме кај нас е знак за голем успех и на федерацијата, а воедно и сите млади ракометари дефинитивно ќе излезат многу подобри играчи од овој шампионат без оглед колкава минутажа ќе имаат“ – вели Кире Лазаров.

Се вчитува...