Лазаров даде шест гола, но повторно загуби од Раул

Кире Лазаров и Нант претрпеа уште еден пораз во Лигата на шампионите, овојпат во директната пресметка со францускиот ривал ПСЖ со резултат 31-35. Македонскиот капитен беше расположен за постигнување голови, но слабата игра во одбраната надополнета со отсуството на првиот голман Думулан беше главната причина поради која Нант цел натпревар бркаше негатива и на крајот претрпе заслужен пораз.

Омејер нанижа пет интервенции во првите пет минути, па ПСЖ дојде до рано водство од 2-0 и го контролираше резултатот буквално од самиот почеток. Клучната предност „светците“ ја направија со влегувањето на Хенрик Тофт Хансен на пикер на местото на индиспонираниот Лука Карабатиќ, по што Данецот за неполни пет минути постигна четири гола и донесе предност од 5-9. Тимот на Раул Гонзалес имаше најубедливи 6-13, но Нант успеа да се врати. Кире Лазаров и соиграчите влегоа во ритам благодарение на „седум на шест“ и на цврстата одбрана што им овозможи неколку лесни погодоци, па со вториот гол на македонскиот ас Нант стигна до само еден гол негатива (15-16).

ПСЖ постигна два гола до крајот на полувремето и замина на пауза со „плус три“, но Нант повторно се врати и во неколку ситуации во вториот дел дојде до само еден гол разлика. Гостите од Париз клучната разлика ја направија на половина од вториот дел, кога стигнаа до четири погодоци предност, што избраниците на Раул Гонзалес знаеја како да ја задржат до самиот крај и конечните 31-35.

Лазаров со шест гола беше прв стрелец на Нант заедно со Ривера, додека најефикасни во таборот на ПСЖ при вечерашната победа на „светците“ беа Абало со седум и Микел Хансен и Хенрик Тофт Хансен со по шест погодоци.

Се вчитува...