Лазаров: Грција е квалитетен противник, но јас знам дека можеме уште подобро

Селекторот Кире Лазаров беше задоволен од изданието на својот тим на денешниот контролен натпревар против Грција, меч на кој „црвено-жолтите“ стигнаа до заслужена победа од 33-30.

Проблеми во играта имавме само во првите дваесетина минути во кои се мачевме во одбраната, нешто што според Лазаров се должи на притисокот што помладите ракометари го чувствувале играјќи во својата сала, пред верните навивачи.

„Имавме квалитетен противник против нас, веќе имаат покажано дека знаат да добијат врвни репрезентации и затоа бевме свесни дека нема да ни биде нималку лесно. Јас секогаш велам дека нашата публика ни е голема поддршка, но и знае да донесе најголем притисок, бидејќи знаете дека тука немате право на грешка. Тој почетен притисок што го имавме придонесе да не стартуваме на посакуваното ниво, но штом го пребродивме успеавме да влеземе во ритам. Мислам дека можеме да играме уште подобро барем за одреден процент, имавме проблеми бидејќи ги загубивме Пешевски и Никола Маркоски, кои верувам дека ќе можат да ни помогнат на ЕП во Германија. Таму ќе го немаме Мартин Серафимов, кој подолг период беше надвор од тренажен процес по повредата на дуелот Војводина – Алкалоид. Тој сега е ОК но предолго е надвор од тренажен процес и затоа не настапува за репрезентацијата“, изјави Лазаров.

Потоа, тој се осврна и на настапот на ЕП 2024 што ја очекува нашата репрезентација, како дел од најсилната група во која се и Франција, Германија и Швајцарија.

„Ние ќе играме во првото коло со Франција, најдобрата репрезентација во светот, тие се олимписки прваци, што е најтешко нешто во светот на спортот. Се подготвуваме за тој двобој, ќе пробаме да го дадеме најдоброто од себе. Веруваме во добра игра, но ќе зависи и од Франција, каков пристап ќе имаат на тој прв натпревар. Физички се доминантни, јас добро ги познавам бидејќи до пред една година играв со голем дел од нив. Пред нас е тешка работа, во групата ни е и домаќинот Германија. Предизвикот е голем, но може многу да се добие, може многу да се научи, тоа ќе биде големо искуство за нашата млада репрезентација“, додаде македонскиот селектор.

Се вчитува...