Лазаров: Македонија може да се носи со секој противник

Враќањето на едно големо натпреварување во Хрватска само по себе буди и спомени од мундијалот во 2009 година, на кој Македонија изненади неколку големи фаворити, а Кире Лазаров се закити со титулата најдобар стрелец. Јасно е дека за нов успех неопходно ќе биде повторно нашиот капитен да биде на висина на задачата и да ги предводи „црвено-жолтите“ во новите битки најпрвин во Загреб, а потоа и во Вараждин.

„Би сакал да се навратам на некои работи што секогаш ги повторуваме, но тоа е реалната слика. Ова е можеби поспецифично натпреварување бидејќи ќе се игра во Хрватска, близу до Македонија, ќе имаме голем број навивачи што ќе дојдат да ни дадат поддршка. Јас како и секогаш ќе бидам оптимист иако е прерано да се говори бидејќи ова е само почеток на подготовките. Треба да си посакаме да имаме многу среќа и здравје од самиот почеток на овие подготовки. Што се однесува до самото ЕП и до нашата репрезентација, имаме спој на младост и на искуство, ние нашето искуство ќе го пренесеме врз помладите, тие ќе ни помогнат со својата свежина и енергија, за сите заедно да се обидеме да оствариме добар резултат. Свесни сме сите дека нема да биде лесно, дека системот на натпреварување е тој што е, се игра на секои два дена и мораме да бидеме максимално подготвени, како на физички, така и на психолошки план. Севкупно гледано имаме ракометари кои играат во одлична форма, ракометари кои се дел од силни клубови“ – изјави Лазаров при првиот собир во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Капитенот верува во квалитетот на македонската репрезентација, но и предупредува дека мора да се одигра максимално против секој противник.

„Секој натпревар е различен, ние така и ќе се поставиме без разлика дали во претходниот меч сме славеле или сме изгубеле. Мое лично мислење како долгогодишен репрезентативец и како капитен е дека Македонија може да се носи со секој противник. Се надевам дека ова ќе биде долго првенство, ќе ја оствариме првата и основна цел – пласман во следната фаза, а потоа да бидеме максимално фокусирани и однапред со ниту една репрезентација да не се предадеме. Без разлика дали играме со Германија, Данска или Шпанија, нема зошто да се плашиме, бидејќи верувам дека можеме да го изненадиме секој ривал. Ние сме искусна репрезентација што има минато многу зад себе, тоа ќе ни биде предност за да се обидеме да одиграме квалитетно првенство. Имаме квалитетни репрезентативци, квалитетно раководство, претседател, тренер, така што постојат сите предуслови за наш добар резултат“ – оптимист е Кире Лазаров.

Се вчитува...