Лазаров: Над 50.000 луѓе ќе дојдат да гледаат спектакл, ние не смееме да потфрлиме

ЕКИПА во Дизелдорф,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров ќе ја води Македонија на третото големо натпреварување, ЕП 2024 во Германија, а македонската ракометна легенда не го крие задоволството што токму нашата репрезентација ќе биде дел од испишувањето на ракометната историја – мечот против Франција што утре со почеток во 18 часот ќе биде одигран пред 55.000 навивачи на „Меркур Шпил Арена“, фудбалскиот стадион што беше претворен во ракометна арена за овој шампионат.

„Голема е честа за сите нас да бидеме дел од тој историски натпревар, да играме пред 55.000 навивачи, што секако ќе биде голем мотив за нашите ракометари. Тоа е одлично за ракометниот спорт, за сето она што се обидуваме да го направиме за да се приближиме до кошарката, а ако некој знае како сето тоа да го организира, тоа секако се Германците. Едвај го чекаме почетокот на тој натпревар, против себе имаме неверојатна силна репрезентација, но ние ќе настојуваме да се прикажеме во добро светло“, изјави Лазаров.

Кире Лазаров има зад себе неверојатна кариера, освои се што можеше да се освои, но никогаш не настапи на фудбалски стадион пред толкава бројка на луѓе. Се поставува прашањето, дали жали што нема да може да истрча и да ја предводи Македонија на терен како во старите добри времиња.

„Искрено, не ми фали играњето ракомет. Можеби и малку претерав, играв подолго отколку што беше предвидено. Можеби во текот на натпреварот ќе ми дојде момент, да ме повлече, да сакам да влезам и да одиграм барем малку, но во секој случај ќе уживам во овој спектакл  крај аут-линијата“, вели македонскиот селектор.

Тој добро го познава францускиот ракомет бидејќи кариерата ја заврши токму во оваа земја, каде имаше можност да игра против голем дел од актуелните репрезентативци на „триколорите“.

„Секогаш настојувам детални да ги анализирам противниците, но кога ја гледам Франција – тоа навистина е толку моќна репрезентација што е невозможно да биде запрена ако влезе во ритам. Затоа и во консултации со стручниот штаб решивме да не им дадеме детален скаутинг за секој противнички играч. Со тоа само уште повеќе би ги збуниле, затоа решивме да им дадеме одредени конкретни информации за подготовка на овој меч, без премногу „замарање“, бидејќи ако тргнеш да ги кажуваш индивидуалните квалитети, може да дојде до хаос. Затоа, дадени се јасни и конкретни задачи за кои верувам дека во најголем дел ќе бидат исполнети“, вели открива Кире Лазаров.

На 24 часа пред почетокот на националниот тим, селекторот на „црвено-жолтите“ е задоволен од сето она што е сработено во подготовките, верувајќи дека тоа ќе придонесе ракометната репрезентација да продолжи да се развива.

„Јас искрено сум презадоволен од тоа како момците во работеа во целиот овој период. Да, утре играме со Франција, знаеме каков индивидуален и колективен квалитет поседува овој ривал, но и да загубиме, важно е да излеземе на терен и да се бориме, да изгледаме сплотени, да покажеме дека имаме потенцијал на сериозна репрезентација. Оние 55.000 луѓе на трибините ќе сакаат да видат спектакл, ние не смееме да потфрлиме. Ако има борба, ако има страст, ако нема предавање, верувам дека нема да ги разочараме и нашите навивачи“, оптимист е Лазаров околу карактерот на својот национален тим.

Се вчитува...