ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Македонија го претрпе и вториот пораз на ЕП 2024, и вториот исто така убедлив откако нашите ракометари вечерва во „Мерцедес Бенц Арена“ загубија од Германија со резултат 34-25. Разликата во квалитет беше јасна уште пред почетокот на мечот, но ако тоа може да се надополни со пристап и вистински карактер, вечерва не видовме такво нешто од македонските ракометари.
Селекторото Кирил Лазаров по мечот вели дека во моментов не можеме да очекуваме победа против Франција или Германија.
„Искрено не можам да бидам задоволен од тоа што го прикажавме. Имавме добри моменти, но и многу слаби моменти. Со голем број технички грешки не ни можеш да поставиш одбрана. Германците се цврсти и силни. Се обидовме да дадеме отпор, но лошо го почнавме натпреварот и тоа беше клучно. На нашите технички грешки даваа три/четири голови во низа и така го решија мечот. Германија во моментов е класа подобра од нас и тоа е реалноста. Имавме и ние светли моменти. Видовте млади македонски играчи и треба многу работа. Во моментов не е реално да посакуваме да ги победиме Франција и Германија“
За мечот со Швајцарија тој вели…
„Имаме еден ден одмор за мечот против Швајцарија која денеска одигра одличен меч против Франција. Знаеме дека можеме против нив, но и тие имаат голем квалитет“, вели Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА