Лазаров: Нема да дозволиме да проработи македонскиот менталитет

ЕКИПА во Загреб,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Капитенот Кире Лазаров и по една преспиена ноќ останува цврсто на земја, не дозволувајќи преголема еуфорија по стартниот триумф над Словенија. Македонскиот „бомбардер“ предупредува дека не е обезбеден ниту пласманот во следната рунда, па мора да се остане максимално фокусиран за утрешниот меч со Црна Гора, противник што не смее да биде потценет.

Математички се уште не сме пласирани во следната рунда, така што сме свесни дека ништо не е завршено. Мораме да бидеме максимално внимателни, утре не очекува максимално сериозен испит. Верувам во целиот тим, во моите колеги, но сепак од друга страна сме свесни дека не треба да дозволиме да проработи оној македонски менталитет, по една добра партија и победа да следи опуштање, пад во формата и пораз. Ме радува што гледам дека голем дел од соиграчите се свесни за сериозноста на утрешниот дуел, секогаш мораме да бидеме внимателни. Црна Гора ќе тргне со 200 посто од своите можности, ќе го даде максимумот за да стигне до победата, а на нас е да се одмориме и ако вчера бевме добри, утре да бидеме уште подобри. Сигурно дека има простор за напредок, треба да ги повториме добрите работи од играта од Словенија и да ги поправиме оние работи кои не функционираа како што посакувавме“ – изјави капитенот на пресрет на утрешниот натпревар.

Мечот меѓу Македонија и Црна Гора се игра утре во „Арена“ во Загреб со почеток во 20.30 часот.

Се вчитува...