Лазаров: Ова е најдоброто, имаме квалитет, тие се избраните да ја преставуваат Македонија…

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Селекторот Кире Лазаров не го криеше разочарувањето по слабото издание на нашата репрезентација на дуелот со Германија, особено поради повторувањето на истите слабости во играта од премиерниот меч со Франција.

„Ни се случија истите работи, истите грешки од дуелот со Франција, пак имавме премногу загубени топки. Ако зборуваме за одбраната, имаше одреден напредок, во одредени моменти имаше пожртвуваност и борбеност, но мислам дека кога ќе направиме анализа – ние сме немоќни да играме „шест во шест“ во нападот против ваков калибар на репрезентации. Едноставно ги продаваме топките, се доведуваме до пасивна игра каде што протинивиците потоа казнуваат безмилосно. Да не се лажеме, не е ни реално да парираме на Германија среде Берлин, но ако на тоа се додаде колку топки им дадовме буквално во раце, тогаш е јасно зошто резултатот е таков“, изјави Лазаров.

Сепак, македонскиот селектор смета дека поразите не треба да бидат сфатени трагично, бидејќи реално гледано разликата во квалитет меѓу нас и овие две големи европски селекции е огромна.

„Се обидовме да бидеме позитивни, да го дадеме нашиот максимум, но видовте што се случуваше на теренот. Да, знаеме дека треба да бидеме подобри, но реално во модерниот спорт играте онолку колку што ќе ви дозволи противникот. Во овој момент и против Франција и против Германија, иако имавме одредени моменти кога игравме добро и се приближувавме, сепак се трошевме многу и не можевме да го издржиме тоа темпо на подолги периоди. Можеби и на двете средби можевме да извадиме нешто подобар резултат, но во овој момент и Франција и Германија се подобри селекции од нас“, истакнува кормиларот на нашиот национален тим.

Тој се надева на подобро издание на утрешниот дуел со Швајцарија, но за тоа да се случи неопходно ќе биде да се остави зад себе разочарувањето од првите два пораза на шампионатот.

„Ако има противник против кого можеме да сме компетитивни и да се бориме за позитивен резултат, тоа е Швајцарија и тоа го знаевме уште пред почетокот на овој шампионат. Јас и во говорот кон играчите во соблекувалната по мечот со Германија кажав: Што било, поминало, мораме што побрзо да се средиме во главите, да преспиеме и да го искористиме овој ден за да се подготвиме за Швајцарците. Треба да го дадеме нашето најдобро, на индивидуален и на колективен план и да се обидеме да бидеме компетитивни, да се бориме за позитивен резултат против Швајцарија. Видовте како Швајцарците изненадија со Франција, одиграа нерешено неколку дена откако загубија со 13 гола од Германија во првото коло. Јас секогаш верувам во изненадувања, во победи, без разлика со кој противник играме, треба само да ги средиме главите и да веруваме во она што работиме. Ние сме репрезентација, ова е најдоброто што го имаме во моментов во ракометот, тие се избраните што ја претставуваат Македонија, мислам дека имаме квалитет и сигурно ќе се обидеме да се покажеме во добро светло и да се бориме за позитивен резултат“, порачува Кире Лазаров.

Се вчитува...