Лазаров: Патот до славата е трнлив, треба да си и позитивно тврдоглав за да успееш

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров во интервју за босанскиот весник „Независне новине“ говореше за трнливиот пат кој мора да го помине секој спортист, како би стигнал до славата.

„Патот до славата е трнлив и има многу одрекување. Тоа не може да се опише во неколку реченици. Само најблиските ја знаат вистината, колку треба да жртвуваш за да направиш таква кариера. Искрено, ме пратеше и среќа, но по мое мислење таа треба да се заслужи. Најважно е дека секогаш одам по патот кој го зацртав. Многу сум тврдоглав и никогаш не се предавам. Не знам дали е тврдоглавоста недостаток или позитивна работа, но кога ќе се собере се мислам дека второто. Одев чекор по чекор, се консултирав со луѓето кои ме опкружуваа, но одлуките секогаш ги носев сам“, изјави Лазаров. 

Лазаров има 37 години, но се уште игра на одлично ниво и е еден од најдобрите ракометари во францускиот Нант. Тој смета дека годините се само бројка, иако во моментов игра во најсилната ракометна лига во светот.

„Годините се само бројка. Одлично се чувствувам за годините кои ги имам, а често знам да се пошегувам дека цела кариера играв послабо во лигашките мечеви како би можел да играм подолго, но сега ја одбрав најтешката лига во Европа. Сам себе се казнив што калкулирав сите години во домашните првенства. Исхраната исто така е важна. Почнав на неа повеќе да внимавам од 30-та година и искрено подобар ракомет играм од 30. до 40. година, туку претходно“, заврши Лазаров. 

Нант синоќа загуби од Монпелје во домашното првенство, со што ги загуби шансите за пласман во Лигата на шампионите следната сезона. Следен предизвик за капитенот се последните два квалификациски натпревари за Европското првенство против Турција и против Грција.

Се вчитува...