Легендарните Клинсман и Дел Пјеро во анализа за ЕСПН: Македонија, на моменти, беше брилијантна!

Триумфот на Македонија над Германија во квалификациите за СП 2022 силно одекна во фудбалскиот свет. Серија пофалби на адреса на македонските фудбалери се упатуваат од разни страни, меѓу кои и од легендарните Јирген Клинсман и Алесандро Дел Пјеро кои анализираа за ЕСПН.

Иако, и двајцата, малку се изненадени од начинот на кој „Германците дозволиле пораз“.

„Не знам како загубивме. Во секој случај неочекуван пораз. Имавме шанси, на почетокот и за брзо водство, но кога не се реализираат дојде казната на спротивната страна. Во вториот дел се вративме од пенал, но да бидеме коректни кон Македонците може да кажеме дека и тие требаше да добијат пенал. На крајот, сепак, приредија големо изненадување. Ова е голем шок за Германија, но Македонија заслужи да победи поради дрскоста и пристапот кон играта. Македонија на моменти покажуваше брилијантност која ја однесе до победата. А германските репрезентативци ќе биде подобро да се скријат неколку денови додека не мине сето ова“ – вели легендата на германскиот фудбал, Јирген Клинсман.

Италијанецот Дел Пјеро, пак, во нешто поублажена форма нагласува дека во фудбалот не е чудно да се случуваат вакви работи.

„Знаете, се случуваат вакви работи и не е ништо чудно. Кога ќе го загубите моментумот на теренот, малку ќе се опуштите, па уште во ситуација кога нема публика да ве поттикне тогаш можете да бидете изненадени. Тоа и се случи вечерва“ – истакна Дел Пјеро.

Се вчитува...