Легендите контра Червар: Срамота е тоа што го направи…

Хрватска си ги сведе на теорија шансите за пласман во четвртфиналето на СП 2021 по поразот на Аргентина, а Лино Червар веднаш по натпреварот објави дека поднесува оставка и на крајот од овој мундијал се повлекува од селекторската функција. Токму овој потег на искусниот стручњак го навлече бесот на спортската јавност во Хрватска, која потенцираше дека капитулација на незавршен шампионат е нешто што не смее да се случува во репрезентација како што се „коцкетите“.

Легендарното крило Мирза Џомба во анализа за “Индекс“ го опиша гестот на Лино како тотално аматерски.

„Натпреварот почна, а играчите се однесуваа како да се на загревање, немаше игра, кој стигнеше си земаше шут. Како да беше некоја ревијална средба, а не битка за четвртфинале на СП. Освен Пешиќ и Чупиќ, останатите не одиграа ништо, а со двајца ракометари не можеш да ја победиш Аргентина. И потоа… шокот со оставката на Червар. Тоа не се прави така, беше баш грдо. Оставивме лош печат, испаднавме тотални аматери, си го уништивме реномето што го градевме со години“, порача Џомба.

Сличен е ставот и на поранешниот хрватски репрезентативец Петар Метличиќ, кој исто така го нападна Червар.

„Ова без конкуренција е најголемата грешка во кариерата на Червар. Оставете го натпреварот на страна, ова е спорт, поразите се составен дел, но да направиш вакво нешто, да се простиш на незавршено првенство… тоа не е во ред. Хрватска е жива, се уште има шанси за СП. Како сега тој селектор ќе излезе на тренинг и на натпревар за да ги мотивира своите ракометари. Бродот не е потонат, а Червар е последниот што треба да го напушти, не првиот“, истакна Метличиќ.

 

Се вчитува...