Леклер до прва победа во кариерата во Формула 1

Шарл Леклер цел живот ќе го памети денешниот ден, откако успеа да стигне до првата победа во кариерата во Формула 1, и тоа на патеката „Спа“ за големата награда на Белгија. Младиот возач од Монако извозе одлична трка и откако немаше среќа во неколку наврати во досегашниот дел од сезоната, денеска беше на висина на задача од почеток до крај и заслужено се искачи на највисоко место на победничкиот пиедестал.

Во прилог на Леклер одеше и тимската стратегија на Ферари, откако на Себастијан Фетел му беше кажано да му помогне на помладиот тимски колега да ја зголеми предноста во однос на Луис Хамилтон. Британецот на крајот успеа да го мине германскиот ривал, но Леклер веќе си имаше обезбедено предност од над пет секунди што се покажа доволна за да стигне до победата.

Финишот беше интересен, Хамилтон се приближи на само една секунда заостанување во поледниот круг, но Антонио Џовинаци излета од патеката и се удри во заштитната ограда, беше покажано жолто знаме, по што Леклер рутински го извозе остатокот од трката на патот до првиот триумф во кариерата.

Зад Хамилтон на третата позиција се пласираше Валтери Ботас, на четвртото место се најде Фетел, зад кого следеа Албон, Перез, Квијат, Хулкенберг, Гасли и Строл.

Се вчитува...