Лембанов: Пролет го има најмладиот тим во плејофот, нормално е да се греши, ќе дојдат и победите…

Пролет претрпе пораз на дуелот со Тиквеш во второто коло од плејофот, меч што тргна во погрешен правец за нашиот клуб уште од првата минута, кога Пецаковски доби директен црвен картон поради несмасно изведен седмерец што заврши во главата на голманот на кавадарчани.

Тренерот Алексо Лембанов продолжува со процесот на подмладување на тимот, оптимистички расположен дека константниот раст во формата наскоро ќе ги донесе и првите радости на резултатски план во плејофот.

„Дуелот против Тиквеш беше меч за кој бевме добро подготвени и мислам дека ако гледаме по одредени интервали, во голем дел од тој натпревар бевме сосема израмнети со кавадарчани. Штета е што директно влијание врз резултатот имаше она рано исклучување на Пецаковски, кога тој наш краток шок гостите го искористија за да поведат со три гола разлика. Пролет парираше, на девет минути до крајот дојдовме на „минус два“ имавме и напад, но направивме техничка грешка што Тиквеш ја казни, се одлепи и заслужено славеше. Треба да разбереме, грешките се составен дел од спортот, уште повеќе кога станува збор за така млада екипа како нашата. Само низ играње, грешење, но и извлекување поуки од тие грешки тимот ќе продолжи да напредува“, изјави Лембанов.

Без оглед на резултатите на стартот од овој плејоф, приоритет за Тинекс Пролет останува создавањето на нови генерации македонски репрезентативци. Нашиот тим го има најмладиот ростер во Супер-лигата, а тренерот Лембанов продолжува да им укажува шанса на играчите кои се кадетски репрезентативци на Македонија, кои од натпревар во натпревар се повеќе ја креваат формата.

„Ја имаме најмладата екипа во плејофот. Горди сме на тоа, не само на хартија, туку овие млади деца навистина добиваат шанса да работат, да играат и ракометно да се развиваат. Целиот колектив функционира беспрекорно, горд сум и на оние повозрасни ракометари, кои воедно се и ментори и несебично ги споделуват своите искуства со помладите. Ова е процес, што го отпочнавме, а јас како тренер сум презадоволен од ангажираноста, од мотивираноста, на секој тренинг, на секој одигран натпревар од првиот собир во јануари па се до денеска. Само со таква работа ќе продолжиме да напредуваме, не се сомневам дека резултатите ќе дојдат, а најгорди ќе бидеме ако овие млади ракометари продолжат да се развиваат како и досега“, задоволен е стратегот на Тинекс Пролет.

Се вчитува...