Лино Червар поднесе оставка: Преземам одговорност, 20 години живеев за оваа репрезентација

Лино Червар објави дека поднесува оставка од функцијата селектор на Хрватска, заминувајќи од клупата на „коцкестите“ на крајот од СП во Египет. Причината е јасна – Хрватска доживеа фијаско на денешниот дуел со Аргентина, претрпувајќи пораз по кој „коцкестите“ сега имаат само теоретска шанса за пласман во четвртфиналето (триумф над Данска во последното коло, но и пораз на Аргентина од Катар).

Червр веднаш по натпреварот во изјава за хрватската телевизија РТЛ објави дека си заминува по завршувањето на СП 2021, преземајќи ја одговорноста за поразот и неуспехот на Хрватска на овој ракометен мундијал.

„Никому не му  е лесно кога ќе се загуби натпревар, игравме многу лошо, изненаден сум бидејќи бев уверен дека ќе прикажеме многу подобро издание. Разочаран сум, ја преземам одговорноста за поразот, тоа треба да се направи – си одам по СП. Тоа е мојата дефинитивна одлука и нема да ја променам откако ќе преспијам. Ги молам луѓето од сојузот да ми најдат замена, за Хрватска веќе на предолимписките квалификации да има нов селектор. Живеев за оваа репрезентација 20 години, верувајте дека дадов се од себе, одговорност мора да има и јас ја преземам на себе“, истакна Червар.

Се вчитува...