Лино: Знаевме како ќе игра Бразил, а сепак загубивме…

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски

Лино Червар го претрпе првиот пораз со Хрватска на овој ракометен Мундијал, откако неочекувано загуби од Бразил и сериозно си ги намали шансите за пласман во полуфиналето. Поранешниот македонски селектор има причина за разочараност, особено бидејќи „кариоките“ одиграле онака како што се очекувало од нив, но „коцкестите“ не нашле начин да ги победат.

„Честитки до бразилската селекција за победата, тие денеска беа подобри од нас. Нашиот влез во натпреварот не беше добар, противникот го искористи тоа и брзо стекна значајна предност. Знаевме за нивната длабока одбрана 5-1, но одигравме акции кои не ги трениравме, направивме бројни грешки и тие брзо се одлепија на шест гола разлика. Не најдовме одговор ниту за Лангаро, за кого знаевме дека е клучен бразилски играч во нападот, но не го неутрализиравме. Одбраната е наша силна страна цело првенство, но денеска не беше на потребното ниво, што беше клучно за денешниот пораз. Проблем за нас беше и неиграњето на  Лука Циндриќ, кој поради повреда не можеше да ни помогне“ – изјави Червар на прес-конференцијата по натпреварот.

Следен предизвик за Хрватска ќе биде утрешниот дуел со домаќинот Германија, натпревар на кој пораз ќе значи и губење на сите шанси за пласман во полуфиналето од СП 2019.

Се вчитува...