Листа со желби на Њукасл – на врвот е Тони Крос

Њукасл го реши тренерското прашање со ангажманот на Еди Хау, но и на новиот менаџер и на клупските директори им е јасно дека ќе мора да се засили и играчкиот кадар за да се обезбеди зацртаната цел – опстанок во Премиер-лигата.

„Црно-белите“ моментно се претпоследни на табелата и ги очекува напорна борба за опстанок, па веќе е составена и листата со желби што клубот ќе се обиде да ги донесе, дел во јануарскиот, а дел во летниот преоден рок.

За амбициите на Њукасл најдобро говори фактот што на врвот на оваа листа се наоѓа Тони Крос. Германецот тврди дека е среќен во Реал Мадрид, размислува и како „крал“ да ја заврши кариерата, но челниците на премиерлигашот се убедени дека ќе испратат понуда што нема да може да биде одбиена, ниту од фудбалерот ниту од раководството на Реал.

Крос не е единствениот Германец меѓу желбите на Њукасл, тука е и Никлас Зуле од Баерн Минхен. Дефанзивецот нема да го продолжи договорот со Баерн и на крајот од сезонава ќе стане слободен играч, но „црно-белите“ ќе се обидат да го ангажираат уште на почетокот од 2022 година, нудејќи 15 милиони фунти, за германскиот првак да заработи барем нешто од заминувањето на репрезентативецот.

Еден од оние играчи кои би можеле веднаш да пристигнат и да направат разлика во тимот е Дони ван де Бек. Холанѓанецот е несреќен во Манчестер Јунајтед, во таборот на „црвените ѓаволи“ не се смета сериозно на неговите услуги, па доколку добие интересна понуда сигурно добро ќе ја разгледа. Се најавува дека Јунајтед ќе бара 40 милиони евра за овој трансфер, сума што Њукасл може без проблем да си ја дозволи за да доведе играч кој би бил главен креатор на нападите на тимот на Еди Хау.

Џеси Лингард е вториот фудбалер на Манчестер Јунајтед што Њукасл сака да го доведе во јануари. Англискиот репрезентативец блесна во вториот дел од ланската сезона како позајмен играч во Вест хем, неговиот договор со „ѓаволите“ истекува на крајот од сезонава, па Њукасл би можел да го доведе за отштета не повисока од 20 милиони фунти.

Листатаод пет желби на Еди Хау и новите клупски газди се заокружува со Тајрон Мингс, со кого новиот менаџер на Њукасл соработуваше во Борнмут. Мингс во последните години се наметна како еден од најдобрите англиски дефанзивци, доби и место во англиската репрезентација и капитенска лента во Астон Вила,но прашање е дали клубот од „Вила Парк“ воопшто ќе дозволи негово заминување откако трансферот на Грилиш во Манчестер Сити придонесе да дојде до огромен резултатски пад.

Се вчитува...