Ливерпул е во финалето на ФА Купот: Сити изгоре за едно полувреме на „Вембли“

Ливерпул е првиот финалист во ФА Купот на Англија откако „црвените“ во фантастичен меч го совладаа големиот ривал Манчестер Сити со 3-2. Како пресудно се покажа првото полувреме во кое избраниците на Јирген Клоп го демолираа противникот со три постигнати погодоци. Сити се обиде да се врати, имаше и шанса за израмнување во судиското продолжение, но Ливерпул на крајот заслужено се радуваше на победата.

Мечот почна фуриозно за „црвените“, кои издоминираа во првите петнаесетина минути, поведувајќи со 2-0 преку Конате и Мане, кој со својатаупорност успеа да ја смести топката одбивајќи го обидот за исфрлање на голманот Штефен. Доминацијата на Ливерпул во првото полувреме беше крунисана и со трет гол, втор за Мане, откако Сенегалецот погоди маестрално од волеј по извонредната асистенција на Тијаго Алкантара.

Манчестер Сити се разбуди откако Грилиш на самиот почеток од второто полувреме постигна гол за 3-1, резултат при кој Жезус не реализираше зицер. Вториот гол беше постигнат во 90. минута преку Бернардо Силва, а три минути подоцна Стерлинг имаше убав обид за израмнување, но Бекер го запре неговиот шут.

Во второто полуфинале утре ќе се сретнат лондонските ривали Челси и Кристал Палас.

Се вчитува...