Ливерпул по навика го освојува Порто

Ливерпул без проблеми се пласираше во полуфиналето од Лигата на шампионите откако „црвените“ и на вториот четвртфинален дуел беа подобри од Порто, овојпат на гостински терен со убедливи 1-4.

Избраниците на Јирген Клоп се соочија со проблеми во првите дваесетина минути, во кои Порто притисна и создаде неколку убави шанси. Сепак, офанзивата на домаќините спласна откако Мане го постигна водечкиот гол, на асистенција на Салах. Судиите најпрвин го поништија голот поради офсајд, но по прегледување на снимката со ВАР се премислија, на огромна радост на англиските фанови на „Драгао“.

Во второто полувреме на 0-2 зголеми Салах, Порто само за момент се врати во мечот преку Милитао, за Фирмино во 77. минута да ја врати предноста од два гола за гостите од Англија. Ван Дајк седум минути подоцна ја запечати победата на „црвените“, нова за нив во Порто по онаа од 0-5 минатата сезона.

Ривал на Ливерпул во полуфиналето ќе биде Барселона.

Се вчитува...