Лацио по 20 години има сериозни шанси за освојување на шампионска титула, а претседателот Клаудио Лотито прави се што може за скудетото да биде освоено на терен, а не да му припадне на Јувентус со одлука на „зелена маса“. Лотито го навлече бесот на јавноста откако во периодот на најголема криза инсистираше на продолжение на сезоната, а сега се јави со нов предлог – ако нема начин сезоната да биде финиширана регуларно, да се организира меч за титула меѓу Јуве и Лацио.
„Ние сме на еден бод од Јувентус, ги победивме со 3-1 во првиот дел од сезоната, па потоа со 3-1 во Супер-купот од Италија. Според мене, фајналнфор турнир не е решение бидејќи Интер заостанува осум бода зад нас, Аталанта дури 14. Не може тимови со толкава негатива сега да се борат за титула. За мене има само еден логичен предлог – ние и Јувентус да излеземе на мегдан и да одиграме еден натпревар, кој ќе победи да биде шампион“, истакна Лотито.
Барањето на првиот човек на римскиот клуб речиси сигурно ќе биде одбиено бидејќи во Италија се прави се што се може за да бидат создадени услови за играње фудбал. Играчите од почетокот на следниот месец ќе почнат со индивидуални тренинзи, а Владата дозволи од 18 мај да се стартува со тимски тренинзи, а продолжението на италијанскиот шампионат се очекува во првите 10 дена од јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА