ЛШ: Кил подобар од Киелце, Барселона стигна до десетата победа

Вечерва се одиграа пет натпревари во ракометната Лига на шампионите. Дербито помеѓу Кил и Киелце му припадна на германскиот тим со 32-29. Германците на крајот мораа да се „мачат“ да дојдат до триумфот, и покрај тоа што на полувремето имаа огромни 22-13.

Во вториот дел Кил дојде и до +10 (24:14), но со шест гола во серија, Киелце успеа да се врати (24:20). Во еден миг полскиот тим се доближуваше и до два разлика, меѓутоа немаше сили на крајот да ја стигне големата предност на Кил. Екберг со осум гола беше најефикасен кај Кил.

Ракометарите на Алборг го добија дуелот со Пик Сегед со 33-27. Предводени од Бартхолд кој постигна осум гола, данскиот тим замина на полувреме со +4, а потоа константно ја зголемуваше разликата, стигна неколку пати и до седум, и во финишот целосно ја имаше контрола на резултатот.

Барселона по поразот на Киелце, остана сама на врвот на табелата остварувајќи ја десетата победа. Барса на домашен терен беше подобар од Елверум со 40-30. Фраде со осум гола беше најефикасен.

Екипата на Висла Плоцк за малку од готово ќе направеше вересија, откако во последните мигови стигна до победа над Магдебург со 25-24. На полувремето Висла имаше предност од четири гола, а во вториот дел и предност од пет гола. Меѓутоа Магдебург во финишот имаше „егал“ (24:24), но Висла успеа да постигне уште еден гол и да направи големо изненадување, со оглед дека германскиот тим важеше за фаворит.

Крајно неизвесен натпревар одиграа Нант и Целје кој заврши со победа на словенечкиот тим остварена во последните секунди од мечот со 31-32. Целје имаше предност по првиот дел, која се стопи во вториот дел, па дури Нант имаше и предност од еден гол на два пати. Сепак, на крајот во последните секунди се влезе во „егал“, но Целје беше со посилни нерви, постигна гол и ги освои бодовите.

Се вчитува...