ЛШ ракомет: Пик Сегед не памети ваква бламажа, Веспрем и Кил веќе се во четвртфиналето

Веспрем направи џиновски чекор кон четвртфиналето во Лигата на Шампионите откако славеше на првиот осминафинален дуел со унгарскиот ривал Пик Сегед, и тоа на гостински терен со преубедливи 23-36. Пресметки меѓу овие противници секогаш се интересни поради неизвесноста до последните моменти, но тоа вечерва не беше случај, Веспрем со феноменална одбрана уште од самиот почеток наметна темпо што Сегед не можеше да го следи, на полувреме имаше предност од огромни 7-20, рутински одржувајќи ги овие „плус тринаесет“ до самиот крај и конечните 23-36.

Главна фигура на унгарското дерби беше Словенецот Маргуч, постигнувајќи дури 11 гола со само едно промашување, додека по четири погодоци постигнаа Ремили, Лауге и Лигетвари. Радивојевиќ со шест и Соареш со пет погодоци беа најефикасни во таборот на Пик Сегед, во еден од најболните порази на унгарскиот ракометен гигант во последните десетина години.

Иако до крајот на овој двомеч има уште 60 минути игра, нереално е да се очекува реванш со иста мера на Пик Сегед, па Веспрем е речиси сигурен четвртфиналист, каде поранешниот тим на Дејан Манасков ќе го очекуваат пресметки со полскиот гигант Киелце.

Пласманот во четвртфиналето по само 60 минути игра практично го осигураа и ракометарите на Кил, кои на гостински терен го декласираа Динамо Букурешт со убедливи 28-41. Сагосен, Јохансон и Зарабец со по шест гола ги предводеа стрелците кај победничкиот тим, додека најефикасни кај Динамо Букурешт беа Кудуз и Кашпарек со по шест погодоци.

„Зебрите“ за ривал во четвртфиналето ќе го имаат францускиот гигант ПСЖ, мегадуел меѓу два одлични тима, од кои само за еден ќе има место на Ф4 во Келн.

Се вчитува...