Луд пресврт на Јапонците против Финска, убедлива победа на Литванија

Репрезентацијата на Јапонија ја забележа првата победа на Мундобаскет 2023 откако со неверојатен пресврт стигна до триумф над Финска (). „Самураите“ се најдоа во негатива од 18 поени во третата четвртина, на стартот од последниот период бркаа „минус десет“ (63-73), но со неверојатна игра во четвртиот период направија голем пресврт и на крајот стигнаа и до убедлив триумф. Во главна улога беше неверојатниот Кавамура, кој погоди четири тројки во последната четвртина и реализираше вкупно 25 поени и 9 асистенции. Уште поимпресивен беше настапот на центарот Хокинсон, кој реализираше неверојатни 28 поени и 19 скокови во оваа извонредна победа на Јапонците. Марканен постигна 27 поени и 12 скокови за Финска, премалку за да се избегне вториот пораз на оваа скандинавска селекција на светскиот шампонат.

Литванија без многу проблеми стигна до втората мундијалска победа, овојпат над селекцијата на Мексико со убедливи 96-66. Триумфот беше осигуран уште со супериорната прва четвртина што Литванците ја добија со 32-17, по што фаворитот до крајот на мечот успеваше уште повеќе да ја зголемува својата предност до конечните “плус 30“. Валанчиунас оствари даблдабл од 15 поени и 12 скокови, исто така 15 поени реализираше и плејмејкерот Јокубаитис, додека Кузминскас го заврши мечот со 14 поени.

Ко-домаќинот Филипини ги загуби речиси сите шанси за пласман во следната фаза откако го претрпе и вториот пораз во низа, од селекцијата на Ангола со 70-80. Филипинците одиграат под своите можности, Ангола одлично го неутрализираше нивниот главен играч Кларксон, со што ја осигура победата, па Анголците сега во последното коло против Доминиканската Република ќе водат битка за пласман во нокаут рундата.

Се вчитува...