Лудило: Дибала го тужи Јувентус за 57 милиони евра!

Пауло Дибала го загуби трпението со управата на Јувентус за парите што му се должат за првиот дел од сезоната 2021/22. Аргентинецот пред извесно време се закани со тужба доколку парите не му бидат исплатени, а сега се реши да тргне по судиски пат, но со уште поголеми барања од „старата дама“.

Како што информира весникот „Кориере дело спорт“, Дибала испратил тужба против Јувентус до италијанскиот суд, во која аргентинскиот фудбалер бара огромни 57 милиони евра од својот поранешен клуб.

Од оваа сума, три милиони евра се однесуваат на парите што му се должат како заостанати плати, а останатите 54 милиони евра Дибала ги бара поради неиспочитуваниот нов договор меѓу фудбалерот и Јувентус, кој начелно беше договорен, но никогаш не се потпиша.

Јувентус пред крајот на 2021 година начелно ги договори условите за нов договор со Аргентинецот, но неколку месеци подоцна клупските директори ја повлекоа понудата, дозволувајќи Дибала како слободен играч да си замине од клубот. Адвокатите на Аргентинецот тврдат дека во целиот случај имало целосно прекршување на веќе склучен договор, поради што бараат 54 милиони евра, сумата што Дибала би ја заработил доколку потпишел петгодишен договор со Јуве, намалена за парите што тој моментно ги добива во Рома.

Се вчитува...