Лукаку е херојот – Интер победи по месец и половина во „Серија А“

Интер конечно ја прекина серијата слаби игри и резултати нa италијанската фудбалска сцена, славејќи со 0-3 на гостувањето против Емполи. Ова беше прва победа на „нероаѕурите“ по 5 март кога го совладаа Лече, за враќање во игра за Топ 4 кое значи учество во ЛШ наредната сезона.

Симоне Инзаги го изротира тимот, одморајќи неколку првотимци во пресрет на реваншот од полуфиналето во Купот на Јувентус. „Нероаѕурите“ имаа контрола над играта, но се мачеа да создадат шанса во првото полувреме, кое мина без преголеми возбудувања и заврши без погодоци.

Дуелот беше решен со погодокот на Ромелу Лукаку, откако Белгиецот шутираше прецизно од петнаесетина метри и го матираше голманот на Емполи. Ова беше прв гол за Лукаку од игра во Калчо-лигата по неверојатни 253 дена, откако претходно последен пат беше прецизен на 13 август 2022, против Лече.

Овој гол му ја зголеми самодовербата на белгискиот џин, кој во 76. минута зголеми и на 0-2, со нов прецизен удар со нога, запечатувајќи ја победата на својот тим. Конечните 0-3 ги постави Лаутаро Мартинез, кој влезе во игра во второто полувреме на местото на Кореа и на асистенција на Лукаку се запиша меѓу стрелците.

 

Се вчитува...