Лукаку: Имавме 23 болни играчи во Интер, никој не ни направи тест за Ковид-19

Ромелу Лукаку ја шокираше италијанската јавност откако обелодени дека дури 23 фудбалери од првиот тим на Интер биле болни, со идентични симптоми, но воопшто не биле тестирани. Настанот се случил во месец јануари, пред да почне ширењето на коронавирусот во Италија.

Имавме неколку слободни дена, се вративме и ви се колнам – 23 од нашите 25 првотимци беа болни. Не зборувам за лесни симптоми, туку за силно кашлање и треска. Едвај трениравме, а на дуелот со Калјари еден дефанзивец мораше да побара замена на самиот почеток, бидејќи за малку ќе се онесвестеше на терен. Не знам дали беше Ковид-19 бидејќи никој не дојде да ни направи тестови, така што никогаш нема да дознаеме што беше, но такво нешто, такво брзо ширење на вирус немам видено“, истакна Лукаку.

Првиот официјален случај на коронавирус во Италија беше пријавен на 21 февруари, па јасно е зошто не дошло до тестирање. По прекинот на Серија А сите фудбалери на Интер беа тестирани, бидејќи неколку дена претходно се сретнаа со Јувентус, во чии редови Даниеле Ругани беше позитивен на Ковид-19. Сите тестови на „нероаѕурите“ беа негативни, но не беше наведено дали во нивните организми се најдени антитела, како знак дека веќе го имаат прележано вирусот.

Се вчитува...