Македонската јавност е во шок по трагичната смрт на Благоја Георгиевски – Буштур, кој синоќа го загуби животот во сообраќајна несреќа во Скопје. Кошаркарските и спортските работници се простуваат од легендата на мак-баскетот, еден од великаните на нашиот спорт и човекот кој беше инспирација за многумина.
„Ни беше идол, инспирација и заштитник сите овие години. Те почитувавме и сакавме како татко. Почивај во мир легендо наша, никогаш нема да бидеш заборавен“, порача Емил Рајковиќ, кој веста за трагичната смрт на легендата ја дочека во далечниот Казахстан.
„Почивај во мир, легендо наша Oлимписка! Благоја Георгиевски Буштур беше потпретседател на МОК Македoнија, член на Управниот одбор и на Собранието на Македонскиот олимписки комитет, претседател на олимпискиот совет при МОК. Тој беше и член на Клубот на великаните на МОК од 1997 година, освојувач на сребрен Олимписки медал од Олимписките игри Монтреал 1976 година, сребрен медал од Европското првенство 1971 година како и два златни медали од Медитеранските игри 1971 и 1975 година“, објави генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски.
„Почивај во мир, сочуство до семејството“, напиша тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, на својот профил на ФБ.
„Легендите никогаш не умираат, само одат на некое подобро место“, објави поранешниот македонски репрезентативец Срѓан Станковиќ на ФБ заедничка фотографија со Буштур.
„Почивај во мир, легендо“, напиша Бојан Трајковски.
„За жал, ова се тешки денови за кошарката. Почивај во мир, Буштур легендо“, стои на официјалниот профил на ФБ на КК Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА