Македонија е ПРВА во групата, Германците се спасија

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Ракометната бајка на Македонија на ЕП 2018 продолжува откако нашите ракометари вечерва ремизираа 25-25 против Словенија, за освојување на првото место во исклучително тешката група. Одлично одиграа нашите ракометари на овој натпревар, доминираа во голем дел од мечот, на крајот можеа и да триумфираат, но Германците со многу среќа стигнаа до бод. Сепак, најважно е што останавме први во групата и со три бода во Вараждин остануваме со реални шанси за пласман во полуфиналето.

Одлуката на Раул Гонзалес да тргне со „седум на шест“ во нападот се покажа вистинска, откако го изненади Прокоп, па Македонија доминираше во првиот дел од првото полувреме. Кузмановски почна одлично, соработката со пивотите беше на ниво, па набрзина поведовме со 5-2, потоа и со 6-3, но потоа противникот се консолидираше. Раул побара тајмаут при 6-5, но европскиот шампион експресно дојде до 7-7, за потоа и да поведе со 7-10.

Талески со својот втор гол ја прекина серијата од пет гола на противничката селекција, а Гонзалес потоа фо уфрли и Миркуловски и пред крајот на полувремето заигравме „шест на шест“ во нападот. Тоа вроди со плод, си ја вративме сигурноста, па иако Лазаров промаши пенал, капитенот беше прецизен во 28. минута намалувајќи на 11-12. Одбраната делуваше одлично пред крајот на полувремето, но за жал не искористивме два напади за израмнување, па на одмор заминавме со еден гол негатива (11-12).

Во вториот дел Мартин Поповски го зеде местото на индиспонираниот Георгиевски (имаше 0/3 во првиот дел), повторно Македонија беше селекцијата што подобро го стартуваваше полувремето, па благодарение на Талески и на Манасков поведовме со 14-13. Ја одржавме сигурноста во нападот, Стоилов даде евро-гол „без гледање“, Ристовски одбрани, а по изнудениот пенал од Миркуловски, Манасков од седум метри го лобуваше Волф за ново водство од два гола за Македонија (18-16). Веќе во следниот напад Кире Лазаров погоди за 19-16, а Прокоп побара тајмаут, по што го уфрли Хајневетер на голот на местото на Волф.

Дојде ред Германците да тргнат „седум на шест“ во нападот, а ваквата тактика им вроди со плод, намалија на 19-18, а на 49. минута израмнија на 20-20. Во последните десет минути се влезе со овој резултат, а Германија се врати на „шест на шест“, со одличниот Хајневетер на голот кој набрзина нанижа неколку интервенции. Манасков погодуваше кога беше значајно противникот да не се одлепи, но судиите не видоа очигледно чекори и дозволија Германија да поведе со 23-22. Во финишот и Македонија се обиде со „седум на шест“, реализирајќи преку Поповски за ново израмнување (23-23).

Имавме шанса за водство, но избрзавме во обидот за контранапад и веднаш стигна казната, со гол на спротивната страна на Грецки. Одговоривме на вистински начин, со асистенција на Лазаров до Пешевски, но Вебер премногу лесно се крена на шут и ја врати Германија во водство. Филип Талески ја покажа својата класа со уште еден гол во многу важен момент, за 25-25 на две минути до крајот. Ристовски одбрани клучен шут, па добивме напад за водство на 90 секунди до крајот. Раул побара тајмаут на 45 секунди пред крајот, игравме на рабост на „пасива“, Лазаров прекрасно го проигра Стоилов, но „зицерот“ беше одбранет од страна на Хајневетер. Германците добија 11 секунди за последен напад, Прокоп побара тајмаут, но Манасков одигра одлична одбрана на Грецки, направи фаул и времето истчече, за конечни 25-25.

Македонија го освојува првото место во групата и ќе носи три бода во следната рунда, каде во Вараждин нашите ракометари ќе се сретнат со селекциите на Шпанија, Данска и на Чешка.

Се вчитува...