Македонија ја совлада Унгарија, одбојкарите со „бронза“ го завршија настапот на Европската сребрена лига

Одбојкарската репрезентација на Македонија ја совлада Унгарија и го доби натпреварот за бронза на завршниот турнир во Сребрената лига. Избраниците на Ратко Павличевиќ во пет сета беа подобри и славеа со резултат од  2-3 (22-25, 25-18, 16-25 и 15-7).

По изедначениот старт на дуелот, „спартанците“ го презедоа главниот збор. Предноста се движеше до максимални три поени разлика, па ова го искористија и го добија првиот сет со 25-22.

Во продолжението Унгарија заигра многу подобро, во вториот сет тргна фуриозно и во еден момент поведе со седум поени. Македонија се обидуваше да се врати во игра, но не успешно. Домаќините на овој турнир не дозволија изненадување и го приведоа сетот кон успешен крај со 25-18.

„Црвено-жолтите“ брзо се рехабилитираа и во третиот сет за кратко време се одлепија и дојдоа до високо водство кое го здржаа до крајот и со 25-15 поведоа со 2-1.

Избраниците на Ратко Павличевиќ потфрлија во четвртиот сет. Унгарците уште на почетокот направија солидна предност, најпрвин со плус четири, разлика која Македонија успеа барем за момент да ја неутрализира и да се врати во игра. Сепак, домаќините повторно се издигнаа и почнаа да нижат поени за пет, а подоцна и седум плус, предност со која го освоија сетот и дојдоа до 2-2.

Победникот беше решен во тај-брејк. Македонија постојано имаше предност, а истата успеваше да ја негува и зголемува до крајот на овој двобој за конечна победа од 15-7.

Најдобар поентер на средбата беше нашиот капитен Никола Ѓорѓиев со 28 поени. За Македонија ова е втора бронза во Сребрената европска лига, по онаа во 2014 година, во првата сезона откако почнаа успесите на Ф4-турнирите. Покрај таа бронза, одбојкарите имаат уште четири сребрени медали, а еднаш завршија четврти, тоа беше во 2018 година.

Се вчитува...