Македонија остана без Елитна фаза квалификации: УЕФА го откажа и ЕП до 19 години

УЕФА официјално соопшти дека ја откажува Елитната рунда квалификации за Европско првенство за фудбалери до 19 години, како и финалната фаза кои беа закажани за ноември 2020 и март 2021 година.

Одлуката на Извршниот комитет на УЕФА значи дека македонската репрезентација до 19 години (генерација 2001) нема да учествува во Елитната рунда на натпревари и нема да добие шанса да се бори за место на Европското првенство во конкуренција на Шпанија, Белгија и Бугарија.

Причината за откажувањето на турнирите е епидемиолошката состојба во Европа и големите проблеми при патувањата на репрезентациите. Со оглед на тоа дека ЕП до 19 години е квалификациско за Светскиот шампионат на ФИФА за играчи до 20 години, (Индонезија 20. мај до 12. јуни 2021), УЕФА соопшти дека е одлучено петте места резервирани за европски тимови на ова СП да се доделат на селекциите кои ги заземаат првите пет позиции во рангирањето според коефициентот од квалификациите за сезоната 2019/20. Тоа се селекциите на Англија, Франција, Италија, Холандија и на Португалија.

„Одлуката е непосакувана за нашата репрезентација до 19 години која обезбеди место во Елитната рунда квалификации за Европско првенство. Ова не го говорам од аспект дека ние ќе станевме Европски прваци, но факт е дека селекцијата направи голем успех со обезбеденото место меѓу најдобрите репрезентации на два турнира во низа. Жал ни е што нашите млади фудбалери нема да учествуваат на турнирот. Генерацијата (2001) направи одличен резултат и покрај тоа што на почетокот многумина не веруваа во нивниот квалитет. Дел од фудбалерите од репрезентацијата направија добри трансфери во странство, а голем дел од нив играат значајна улога во нашите прволигашки тимови. Селекторот Станиќ, исто така има важна улога во резултатите на репрезентацијата, веќе четири години ја предводи селекцијата и заедно со фудбалерите е најзаслужен за успехот. Ќе беше одлично искуство за сите да добиеја шанса за надигрување со Шпанија, Белгија и Бугарија, но од друга страна треба да ја прифатиме и моментната здравствена ситуација и да ги почитуваме сите одлуки поврзани со тоа“, изјави Зоран Стратев, технички директор во Фудбалската федерација на Македонија.

Селекторот Горан Станиќ вели дека е голема штета што младите македонски фудбалери до 19 години нема да можат да се натпреваруваат во Елитната фаза квалификации.

„Голема штета за оваа генерација на фудбалери што не добиваме шанса за настап во Елитна фаза квалификации. Ние по втор пат обезбедуваме место во Елитна фаза и ќе беше драгоцено искуство доколку настапевме на турнирот во Шпанија. Уште повеќе што наша главна цел е да создаваме фудбалери за репрезентацијата до 21 години, па дури и најдобриот национален тим. На оваа возраст фудбалерите веќе настапуваат на професионално клупско ниво и ќе беше одлично доколку се спротивставевме на големи репрезентации од типот на Шпанија и Белгија“, изјави Горан Станиќ, селектор на репрезентацијата до 19 години.

Се вчитува...